ЗА ТАНЕЦ
НОВОСТИ
ТАНЕЦ И МЕДИУМИТЕ
ТАНЕЦ ИЗДАВАШТВО
ГАЛЕРИЈА
РЕПЕРТОАР
КОНЦЕРТИ
ПРАВНА РАМКА
КОНТАКТИ
 

ЗА ТАНЕЦ

          "Танец" е име кое шест децении е симбол на македонската култура и уметност, шeст  децении на своето постоење е амбасадор и презентер на македонското фолклорно творештво кај нас и на сите континенти на земјината топка.

          Шeст децении е подвижен музеј на она најубавото, исконското, непроценливото македонско фолклорно богатство, кое претставува идентитет и историја на македонскиот народ.

          Ансамблот за народни игри и песни на Македонија "Танец" е формиран со Указ на Владата на Република Македонија во 1949 година, како потреба на македонската култура, со цел да го собира и негува македонското фолклорно богатство: орото, песната, инструментите, богатите оргинални носии и да го презентира во земјава и надвор од неа преку концерти, фестивали и други приредби од областа на културата.

          Покрај негувањето на фолклорното творештво, "Танец" веќе шест децении народните обичаи, игри, песни и носии, преку успешните кореографски постановки ги преточува во колорит и префинет израз на играње, пеење и презентирање на убавите оригинални носии изработени пред повеќе децении, кои представуваат амблем на македонската култура.

          Со високата уметничка презентација на овие кореографски поставки, Ансамблот со години ја освојува публиката. Во своето шеесетгодишно постоење, од посебно значење е првото претставување надвор од Македонија, поточно на меѓународниот фестивал во Ланголен - Англија, во 1950 годina и добивањето на првата награда, што е историски настан за Ансамблот, но и за македонската култура. Всушност овој настан е потврда за успешното презентирање на македонското фолклорно богатство na Ансамблот.

          Во шеесетгодишното презентирање на фолклорното творештво кај нас и во светот, Ансамблот има настапено на над 4500 концерти, фестивали и други културни приредби, со над осум милиони посетители.За успешноста на овој наш презентeр зборуваат големиот број награди, дипломи, благодарници и признанија добивани по разни поводи, концерти и сл., меѓу кои: највисокото државно признание  "Орден за заслуги за Македонија", републички награди "11 Октомври", "Климент Охридски", "13 Ноември" на град Скопје, и други.

          Како доказ на уметничкиот квалитет на играњето, пеењето, музиката и колоритот на носиите се големиот број позитивни критики, афирмативните написи и статии од врвни стручњаци од областа на фолклорот, во разни списанија, радио и телевизиски емисии и слично.
Во овие изминати децении со програмите се опфатени голем број народни ора, песни и обичаи од повеќе краишта на Македонија меѓу кои и "Тешкото", како симбол на македонското оро, "Невестинско", "Комитско", "Чифте", "Калајџиско", "Тресеница", "Осоговка", "Драчевка" и други, кои се само дел од она со што располага "Танец".

          Во својата благородна културна мисија, "Танец" е во постојана и тесна соработка со македонските иселеници  во дијаспората. Во таа смисла, се организирани и голем број концерти во сите земји каде што живеат македонски иселеници.Тој континуирано ги помага културно - уметничките друштва  во земјава и во странство во квалитетното поставување и пренесување на играорната традиција.
Ансамблот "Танец", како организација од посебен општествен интерес од областа на културата, и во натамошниот период ќе ја продолжи својата благородна културна мисија во негувањето и презентирањето на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа. На репертоарот ќе постави и нови кореографии на игри од разни краишта на Македонија. Како дел од таа традиција се и градската песна и игра, на кои во наредниов период ќе им се посвети поголемо внимание, односно, ќе се формираат ансамбли кои ќе ја негуваат и презентираат оваа убава македонска песна.

          Во наредниов период , "Танец" ќе започне и со издавачка дејност. Во постојана подготовка се и материјали за видео, аудио и компакт-дискoви, со кореографии и музичка обработка на ора и песни од репертоарот на Aнсамблот. Со цел да се зачува од пропаѓање, а истовремено и да се збогати фундусот на народни носии, се предвидува откуп на оргинални носии од повеќе краишта во Македонија.

          "Танец" е организатор на низа семинари за раководители на играорни друштва. Од формирањето до денес, во Aнсамблот активно се вклучени над 200 вработени. Денес има 70 редовно вработени во уметничкиот дел.

          Секако, за овие успеси на Ансамблот денес немаше да говориме, ако во овие 60 години голем број организации, поединци и институции како од земјава така и надвор од неа, не гo помагаа и поддржуваа Ансамблот.Затоа, голема благодарност до сите нив, а и до оние што се сеуште вклучени во успешната работа на "Танец".

Голема благодарност до
НАШИТЕ ПРИЈАТЕЛИ